јануари 15, 2023

Охрид, 15. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Дека социјалните мрежи не се само алатка за пополнување на времето и следење на тоа како живеат другите, покажа и Facebook групата „Муабети од Охрид и околината“, каде подолг период наназад се сублимираат на едно место сите интересни муабети, настани, обични луѓе и се’ останато што е поврзано со Охрид и околината.

Голем дел од нив сега се преточени во книга, која ја сублимира авторот Ѓорѓи Љатко, кој најави дека деновиве истата ќе биде и официјално промовирана.

– Почитувани муабетчии, излезе од печат книгата „Муабети од Охрид“. Деновиве ќе ве информирам и за официјалното преставување. Во оваа прилика сакам да се заблагодарам на сите членови на Facebook групата, а посебно на Марија Новак, Љупчо Димоски (книжара „Просвета“), Жанко Коцарески („Коцаре Принт“) кои одделија дел од своето слободно време и со своите забелешки, совети, предлози помогнаа или по охридски поможија книгава да го види(т) светлово на денот, напиша авторот Љатко во популарната група.

Во оваа група членуваат повеќе од 4.400 членови, кои секојдневно ја збогатуваат со своите предлози и обидот да не се заборави еден говор, локални муабети и настани, кои оставиле печат во времето и кои се најголемото богатство на секоја средина. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: Муабети од Охрид и околината

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука