јануари 17, 2017

Скопје, 17. јануари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Утре со почеток од 11 часот во Македонската опера и балет ќе се одржи комеморација во чест на прерано починатиот Саша Николовски Ѓумар.

Посмртните останки на маестро Ѓумар, ќе бидат изложени во капелата на градските гробишта „Бутел“ од 13 часот, а погребот ќе се одржи во 14 часот.

Диригентот и музички педагог Саша Николовски – Ѓумар е роден во Битола во 1966 година. По завршувањето на средното образование се запишува на Електротехничкиот факултет во Скопје, но го напушта за да се занимава со музика. Се запишува на Факултетот за музичка уметност на отсекот за музичка теорија и педагогија и дипломира како најдобар студент на генерацијата. За време на овие студии, се запишува и на отсекот композиција и диригирање каде дипломира со највисоки почести, диригирајќи ја Вердиевата опера „Травијата“ во Македонската опера и балет. За време на студиите работи како диригент со хорот и оркестарот на Факултетот за музичка уметност, Симфонискиот оркестар на РТ Сараево и академскиот хор „Мирче Ацев“. По дипломирањето волонтера во Македонската филхармонија и им асистира на диригентите Ванчо Чавдарски и Александар Лековски во МОБ. Од 1993 Саша Николовски е музички директор на Летниот музички камп на Музичката младина на Македонија и е шеф–диригент на Младинскиот камерен оркестар, диригирајќи бројни изведби на „Охридско лето“ и „Скопско лето“.

Николовски настапувал на многу сцени во Унгарија, Романија, Бугарија, Австрија, Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска и Црна Гора. Од 1998 на Факултетот за музичка уметност предаваше хорско и оркестарско диригирање, Оперско студио и група предмети од областа на диригирањето. Беше омилен и кај популарните изведувачи, а особено ќе се паметат концертите со Синтезис и Тоше Проески, Каролина и други. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука