Атина/Скопје, 19. март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Околу 55 параграфи, со сите отворени прашања, сместени на 20 страници, ги содржи грчката нацрт-предлог спогодба меѓу Македонија и Грција, соопшти грчкото радио „Атина 984“.
Како што јави дописникот на МИА од Атина, искусната новинарка на радиото наведува дека нацрт предлогот е подготвен од грчкото МНР, опширно разгледан меѓу премиерот Алексис Ципрас и Никос Коѕијас, а ги содржи точките што ги најави и самиот шеф на грчката дипломатија.
Во однос на имињата што се вклучени, радиото во текстот коментира дека Горна Македонија, е „фаворит“ за Атина, но без превод, „нешто што многу тешко ќе биде прифатено од другата страна“.Судејќи според информациите во грчките медиуми од изминатиот период, Грција не само што преферира името да биде непреведено, туку и да биде слеано, напишано во еден збор.
Друга точка од грчките барања е и промена на Уставот, нешто што го споменува и новинарката од радиото на општина Атина.
Во однос на информациите во грчките медиуми од изминатите денови, дека нацрт спогодбата е доставена до Македонија, македонски дипломатски извори за МИА велат дека грчките предлози не се пристигнати и очекуваат нив да ги достави самиот Коѕијас при неговата посета на Скопје. (Крај)
извор: МИА фото: архива