мај 23, 2018

Њујорк, 23. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Американската администрација не врши притисок, туку се интересира за решение  кон кое водат преговорите за името и кои се потешките точки, вели шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕјас на брифинг со грчките дописници во САД.

Министерот за надворешни работи на Грција, вчера се сретна со советникот за национална безбедност на американскиот претседател, Џон Болтон, а состанокот траел двојно повеќе од предвиденото. И Болтон и Помпео, како што рече Коѕијас, ги слушнале грчките позиции, како за регионот, Блискиот исток, така и за односите на Грција со Турција и разговорите за името, за кои разговарал со помошниот државен секретар Вес Мичел.

– Во скопското прашање немаме никаков притисок, ниту некој има намера да не притиска. Никогаш нема да дозволиме да нѐ притискаат. Но, многу се интересираат за решение и се обидуваат да разберат каде се наоѓаат преговорите и кои се тешките точки, рече Коѕијас и додаде дека искуството покажало дека кога се преземаат иницијативи, тогаш никој не може да се меша.

Министерот за надворешни работи на Грција, потенцираше дека во однос на Скопје е во континуирана консултација и соработка со грчкиот премиер со кој имаат совпаѓање на ставовите. (Крај)

извор: 24 вести фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука