Струга, 16. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во самото јадро на старата струшка чаршија, кај поранешниот клуб „Холивуд“, интензивно се вршат градежни активности, без поставена информативна табла согласно Законот за градење, реагираат од партијата Левица.
– Сомнежите се дека се узурпира државен имот и дека инвеститорот воопшто нема одобрение за градба. Старата струшка чаршија постојано е под напад на урбанистичката мафија и нејзиниот лик е целосно променет, додека надлежните инспекторати никаде ги нема на терен. Ги повикуваме советниците во Советот на општина Струга од ВМРО ДПМНЕ О.К Струга и СДСМ Струга да реагираат за конкретниот објект и да побараат информација дали воопшто инвеститорот има одобрение за градба, стои во дописот.
Од Левица додаваат дека ќе поднесат иницијатива за вонреден инспекциски надзор со цел да се констатира фактичката состојба на терен.
– Дополнително, ќе алармираме и до Државниот правобранител за сомнежите дека се узурпира државен имот во срцето на струшката чаршија. Јавно прашуваме – дали и новата власт ќе го дозволи дивеењето на урбанистичката мафија? – потенцираат од партијата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива