април 27, 2018

Лондон, 27. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Шансите Арсен Венгер да се збогува со Арсенал со титула од Лигата на Европа не изгледаат најдобри по првиот меч од полуфиналето против Атлетико Мадрид, откако шпанскиот клуб издржа со 10 играчи речиси цел натпревар за да има 1:1 по првиот меч. Во второто полуфинале, Марсеј со 2:0 го совлада Салцбург за со оптимизам да патува во Австрија.

Шиме Врсаљко можеше да биде трагичар на мечот, откако за само 10 минути доби два жолти картони и ги остави „јорганџиите“ со играч помалку на теренот на Арсенал. На домаќините им беа потребни повеќе од 50 минути да го „скршат“ отпорот на Атлетико, откако Александер Лаказет по одличното нафрлање на Вилшир го совлада Облак во 61. минута од мечот.

Но, Антоан Гризман уште еднаш покажа колку вреди за тимот на Диего Симеоне (кому исто така му беше покажан патот кон трибините), откако во 81. минута по една долга топка во половината на Арсенал израмни за ветувачки 1:1 пред реваншот на „Ванда метрополитано“.

https://youtu.be/9UGcFb6ZeIc

Марсеј пак, сакаше да го реши двомечот со изненадувачки цврстите Ред бул Салцбург уште во првиот меч, и тоа делумно им успеа откако со пристојни 2:0 ќе патуваат на реваншот.

Флоријан Тован уште во 15. минута даде гол со глава по додавањето на Паје за водство на Французите, пред Клинтон Н’Џи да го постигне конечниот резултат во 63. минута повторно благодарение на Дмитри Паје. (Крај)

извор: Макфакс фото: ФБ

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука