Литературен и ликовен конкурс на тема „Животот е убав“ како дел од одбележувањето на Неделата на грижа за стари лица
ноември 4, 2024

Охрид, 4. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од активностите за одбележување на Неделата на грижа за стари лица, од 18-24 ноември 2024 година, Клубот за грижа за стари лица при Црвен крст Охрид објавува литературен и ликовен конкурс на тема „Животот е убав“.

Целта е развивање на креативната компонента и подигнување на свеста за промоција на хуманоста, солидарноста, почитувањето, убавините на животот и делотворноста кај целата популација, особено кај младите и децата во нашата потесна и поширока заедница.

– На конкурсот може да учествуваат учениците од основните и средните училишта на општините Охрид и Дебрца и друга популација, со поезија, проза и ликовна уметност. Ликовните и литературните творби може да се доставуваат во просториите на Црвен крст Охрид, ул. „Димитар Влахов“ бр. 52, или да се испратат на е-маил: [email protected], најдоцна до 22-ри ноември 2024 година. Доставените творби ќе ги разгледува и оценува комисија и наградените творци по категории: прво до петто одделение; шесто до девето одделение и средно образование и други, ќе се објават на 25-ти ноември 2024 година, а ќе се доделат свечено на 28-ми ноември 2024 година, информираат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека творбите треба да бидат потпишани од авторот со податоци за име и презиме, возраст, училиште-одделение/клас, контакт телефон и адреса на живеење. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука