април 24, 2018

Ливерпул, 24. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Доколку некој во почетокот од сезоната во фудбалската Лига на шампиони прогнозираше дека една од полуфиналните двојки ќе биде Ливерпул – Рома, тоа веројатно ќе беше протолкувано како пуста желба.

Вечерашното полуфинале на стадионот „Енфилд“ (20.45 часот) е како создадено за Ливерпул, кој се смета за фаворит за триумф, особено на првиот натпревар. Но ако треба нешто да научат од искуствата на Барселона и на Шахтер, тоа е дека во Рим, пред своите навивачи, Рома може да го надигра и да го совлада секој противник.

Ливерпул според прикажаните игри и резултати сезонава во ЛШ, наполно заслужено е меѓу четирите најдобри тимови во ЛШ. „Црвените“ се единствената непоразена екипа во годинашната кампања (шест победи и четири ремија) со вкупна гол-разлика 33-10 (10-1 во нокаут-рундите). Тимот е без пораз на последните 14 меча во ЛШ, од тоа шест дома (вкупна гол-разлика 16-3), на кои на последните четири меча не прими ниту еден гол, а постигна 13.

„Црвените“ (европски прваци во 1977, 1978, 1981, 1984 и во 2005 година) досега одиграа 193 меча во ЛШ/КЕШ (108 победи, 45 ремија и 40 порази) со гол-разлика 360-162. Зад Рома, пак, се 101 европски меч, со ефект од 36 победи, 38 порази и 27 ремија, и гол-разлика 128-141.

Рома на 10-те меча сезонава во ЛШ забележа пет победи, трипати беше поразена, а два меча одигра нерешено, со вкупна гол-разлика 15-12. Но она што импресионира е тоа што Рома на домашен терен во ЛШ нема примено ниту еден гол. Во групната фаза во Рим беа совладани Челси со 3-0 и Карабах со 1-0, а, мечот со Атлетико заврши без голови. Во осминафиналето беше победен Шахтер со 1-0, а потоа во четврт-финалето и Барселона со 3-0.

Во второто полуфинале утре ќе играат Баерн Минхен и Реал Мадрид. (Крај)

извор: Нова Македонија фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука