април 25, 2018

Минхен, 25. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Европскиот шампион Реал Мадрид е насочен кон трет последователен триумф во Лигата на шампиони, но на патот му стои Баерн Минхен кој бара одмазда за минатата година.

Баварците се желни за реванш со „кралевите“ откако минатата година беа елиминирани од Реал во четвртфиналето, но реваншот во Мадрид го одбележаа многу спорни судиски одклуки.

Баерн нема пораз на домашен терен оваа сезона, но загуби во последните 5 меча против Реал Мадрид. „Кралевите“ имаат голема самодоверба после елиминацијата на ПСЖ и Јувентус, а Роналдо е во убиствена форма и Баерн е негова омилена „жртва“ – 9 гола на 6 меча против Баварците.

Баерн и Реал ќе ги одмерат силите по рекорден 25 пат. Нема други два клуба кои се сретнале токму пати во европските турнири. Статистиката до овој момент е апсолутно израмнета – по 11 победи и само две ремија, а гол разликата е 37:36 во полза на „кралскиот“ клуб.

За дуелот на „Алијан Арената“ Баерн нема да може да смета на повредените Мануел Ноер, Артуро Видал и Квински Коман, а под знак прашалник е и Давид Алаба.

Во отсуство на Видал и Корентин Толисо се очекува Хејнкес на средината од теренот да излезе со Хави Мартинез и Тиаго Алкантара, додека Томас Милер да делува малку поповлечено позади напаѓачкото трио Рибери, Левандовски, Робен.

Во составот на Реал се враќа Серхио Рамос кој го пропушти мечот со Јувентус. Зидан може да смета на сите свои фудбалери, па веќе се јасни 10-те фудбалери кои ќе бидат стартери вечер. Герет Бејл сигурно нема да го почне мечот, а единствената дилема е дали да почне со Бензема или Асенсио.

Веројатни состави:

Баерн Минхен: Улрих – Кимих, Боатенг, Хумелс, Алаба – Мартинез, Алкантара, Милер – Рибери, Левандовски, Робен.
Реал Мадрид: Навас – Карвахал, Рамос, Варан, Марсело – Модриќ, Каземиро, Крос – Иско, Бензема, Роналдо. (Крај)

извор: Спортски фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука