Сегед, 4. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Десниот бек на Вардар, Хорхе Македа и официјално е член на екипата на Пик Сегед, а го стави потписот на договор на две години со клубот кој следната сезона планира сериозно да влезе во битка за титулата во Унгарија со тимот на Веспрем.
Она што се најавува веќе неколку месеци сега само добива потврда, па сега е само официјализирање на сите претходни информации. Иако на прес-конференцијата после дуелот меѓу Вардар и Пик Сегед, тренерот Хуан Пастор не сакаше да коментира околу трансферот на Македа бидејќи тогаш не беше ништо официјално потврдено, јасно беше уште тогаш дека има договор.
Сега е познато дека Македа ќе игра две години во овој клуб, а и во следната сезона ќе бидат соиграчи со Жоан Канељас.
„Во минатите неколку години Македа многупати играше против нас. Секогаш беше одличен на теренот и драго ни е што го добивме во нашите редови за следните две сезони. Тој е ракометар, кој ќе ни помогне многу, па со него добиваме и во нападот и во одбраната. Се работи за искусен ракометар со кој ќе бидеме уште поквалитетни“, коментираше за клупскиот сајт, директорот на Пик Сегед, Нандор Шоги.
Македа е уште еден ракометар кој си заминува од Вардар, но и тој беше на списокот на играчи за кои веќе некое време се знаеше дека ќе го напуштат „Јане Сандански“. (Крај)
извор: 24ракомет фото: Пик Сегед