Скопје, 29. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Министерството за внатрешни работи ги демантира обвинувањата за наводни неправилности околу одбивањето на влез во Република Македонија на колумбиската државјанка Н.О.П.
– На 27-ми април 2018 година на ГП Аеродром Скопје на влез во Република Македонија од Цирих допатувало лицето Н.О.П. (31), со патна исправа од Колумбија. По извршената пасошка контрола, констатирано е дека Н.О.П. не поседува валидна виза за влез во Република Македонија и на ова лице му е одбиен влез во Република Македонија. Службениците на граничната полиција постапувале согласно законските прописи и ничии права не се повредени ниту пак некој е насилно качен во авион.
Виза за влез во Република Македонија не им е потребна на: државјаните на земјите членки на ЕУ и потписнички на Шенгенскиот договор; на државјани на трети земји со постојан престој во земја членка на ЕУ или потписничка на Шенгенскиот договор; или на државјани на трети земји со важечка повеќекратна Шенген Ц виза со рок на важност подолг од најмалку пет дена од планираниот престој во Република Македонија; како и на државјани на трети земји со важечка британска, канадска или американска виза со рок на важност подолг од пет дена од планираниот престој во Република Македонија. Н.О.П. имала колумбиски пасош со привремен престој во Швајцарија, што не ја ослободува од обврската за поседување виза за влез во Република Македонија, информираат од МВР.
Научник со колумбиски пасош кој викендов требало да учествува на конференција за блатни екосистеми во Охрид, итно бил депортиран за Цирих, обвинија вчера од невладината организација Охрид SOS од каде додаваат дека станува збор за скандал во пресрет на одржувањето на научната конференција на Society of Wetland Scientists за блатни екосистеми во Охрид, на која се најавени бројни ученици од странство. (Крај)
извор: МВР/ОхридПрес фото: архива