МОН: Унапредена е Концепцијата за основно образование, согласно сугестиите на наставниците и стручната јавност
ноември 14, 2024

Скопје, 14. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Направени се измените на Концепцијата за основно образование, на чија потреба во изминатиот период упатуваше стручната и пошироката јавност, а особено наставниците од основните училишта, информираат од Министерството за образование и наука (МОН).

Согласно доставените сугестии за време на периодот во кој Концепцијата беше ставена на јавна дискусија, Бирото за развој на образованието интервенираше и ја подготви новата унапредена содржина.

– Измените овозможуваат повторно враќање на научните дисциплини историја, географија, биологија, физика и хемија како посебни предмети во третиот воспитно-образовен период од основното образование (седмо, осмо и деветто одделение), имајќи предвид дека претходно Концепцијата предвидуваше нивна интеграција со нејасно дефинирани насоки за реализација на часовите, но и кратење на многу содржини кои се од исклучителна важност за учениците на соодветната возраст. Како резултат на измените во Концепцијата, во следниот период ќе се изработи и нов Наставен план за основното образование, но и нови наставни програми по соодветните предмети во седмо, осмо и деветто одделение, кои етапно ќе се воведуваат почнувајќи од учебната 2025/2026 година, како и во двете учебни години потоа. Министерството за образование и наука изразува благодарност до сите општествени чинители кои со свои сугестии придонесоа за унапредување на содржината Концепцијата за основно образование, како и до Бирото за развој на образованието кое е носител на целиот процес. Продолжува транспарентното работење, со вклучување и активно учество на сите засегнати страни во креирањето на образовните промени, стои во известувањето од МОН. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука