јануари 30, 2018

Охрид, 30. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од охридскиот Црвен крст го најавуваат почетокот на пролетниот циклус од едукативната програма „Час за детски приказни на англиски јазик“, кој ќе започне на 15-ти февруари и ќе трае полни 15 недели.

– Станува збор за програма која се спроведува повеќе од 8 години во рамките на програмските активности на Црвен крст од Охрид и е наменета за деца од 4 до 7 годишна возраст. Овозможува поттикнување и развој на креативноста, емоционалната сигурност, хуманоста и солидарноста кај децата уште од најмала возраст. Тимот волонтери кои ја водат програмата, на забавен и интерактивен начин ја поттикнува љубовта кон книгата и знаењето и користењето на англискиот јазик кај дечињата. Користејќи ја детската литература на англиски јазик од библиотеката во Црвен крст – Охрид, дечињата учат како да се грижат за книгите, да ги чуваат, изнајмуваат, читаат и враќаат. Преку песничките и друштвените игри се овозможува децата да се дружат меѓу себе и да ги јакнат комуникациските вештини. Катчето за креативни работилници нуди одлична можност за поттикнување на креативноста, истражување и користење нови материјали и техники, информираат од Црвен крст – Охрид.

Додаваат дека покрај програмата за децата, оваа програма е надополнета со организирани дискусиони групи за родители, менторирани од страна на стручни лица од различни области, според потребите и желбите на родителите (педагози, психолози, педијатри, стоматолози, социјални работници…).

Уписите се во тек и ќе траат до 12-ти февруари. Заинтересираните родители со своите деца се добредојдени во просториите на Црвен крст Охрид, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, каде ќе можат да дознаат повеќе за содржинскиот дел од програмата и да пополнат соодветната апликација. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука