Охрид, 19. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Поминаа 5 години од моментот кога бродот „Армада“ за прв пат започна да крстари по бистрите езерски води. Таа 2019-та година, откако беше комплетно реновиран, го започна своето патување по Охридското Езеро, кое трае до ден-денес.
Опремен е со најнова технологија за навигација и безбедност на бродот. Има две палуби, внатрешна и надворешна, и двете дизајнирани за максимално уживање, два тоалети со бесплатен Wi-Fi за сите посетители на бродот. Пијалоците се служат и во двата барови, а на барање има опција за служење на храна, со што задоволството и уживањето е комплетно. Армада има две палуби кои лесно може да се претворат во совршено место за вашите приватни забави, но и средби од секако вид како и корпоративни настани.
Во „Армада“ секогаш ќе ве пречекаат пријателски, а расположената екипа и капетанот ќе направат да се чувствувате безбедно и удобно, додека ви се случува уште едно незаборавно искуство по Охридското Езеро. За првите пет години, згодите и незгодите, но и за се’ она возбудливо што носи времето пред нас, на празникот на Свети Никола Мирликиски Чудотворец, патронoт и заштитник на морепловците и рибарите, разговаравме со сопственикот на брод „Армада“ Ѓоко Наумовски.
OhridPress: Велат дека се посебни луѓето кои ги сакаат бродовите. Како се роди идејата за „Армада“, имаше ли пресудна улога љубовта кон бродовите и езерото или кон „ќерката на капетанот“?
Наумовски: Идејата да се купи брод тлееше долго во нас. Првично, за оваа тема размислувавме уште во 2010-та, 2011-та година. Но, во тие моменти немавме можност да инвестираме во такво нешто, затоа што сепак станува збор за поголема инвестиција. Потоа тргнавме по различни патишта. Јас со видео продукција, сопругата Елена со туристичка агенција. Цело време работите ни се спојуваа. Дали на конгреси, дали на свадби, дали на некои настани… Цело време имаше потреба од нешто да работиме заедно. 2019-та, желбата конечно ни се исполни.
OhridPress: „Армада“ е посебен брод по повеќе основи. Има најсовремена опрема, а и самата боја е надвор од она стандардно мислење дека бродовите се најчесто бели. Зошто се одлучивте за црна боја и кажете ни нешто повеќе за самиот брод, од каде го донесовте, можеби некои технички карактеристики?
Наумовски: Да, „Армада“ е посебен брод, и тоа по повеќе основи. Има навистина врвна опрема и самата боја од надвор е црна, иако сите како да сме навикнати кај бродовите да ја гледаме белата боја. Сакавме да сме поразлични од другите, комплетно. И нема некое правило бродовите да бидат бели. Ја оставивме црната основа и додадовме малку и златна, затоа што маркетиншки, графички, најголем контраст имаат црната и жолтата боја. Како го донесовме? Со многу труд и љубов. Бродот е произведен во Унгарија, а во Охрид го донесовме на 30-ти декември 2018 година. Од февруари до јуни траеше процесот на реновирање. Тогаш се инсталираше најнова опрема, мотори, електрика, сигурносни уреди, се’ што беше потребно и по сите правила и прописи. На 21-ви декември конечно ја добивме дозволата од страна на „Биро веритас“. Беше тешка целата целата постапка, но вредеше.
OhridPress: Што се’ нудите како услуга на „Армада“?
Наумовски: Дијапазонот на услуги на брод „Армада“ е многу голем. Не сме само класичен превоз на патници, имаме доста работи што ги нудиме дополнително од класичните тури. Воведовме сосема нова Sunset Tour, која е многу популарна кај нас. Имаме ноќни крстарења, донесовме лизгалка – слајдер која се поставува на средината на езерото по што започнува забавата. Тука се и нашите познати adventure cruise и многу други настани и опции кои ги нудиме. „Армада“ е омилена локација и за многу приватни настани, кај нас редовно се одржуваат семинари и предавања, а на клиентите им нудиме и можност за кетеринг. Во суштина имаме две палуби по 90 квадрати каде можеме да организираме буквално се’ што ќе побараат нашите клиенти.
OhridPress: Поминаа пет години кои сигурно биле исполнети со многу интересни настани. Бројни видни лица, претседатели од целиот свет уживале во езерото на „Армада“. Без да навлегуваме во приватноста, се сеќавате ли на некои настани кои се навистина интересни и несекојдневни?
Наумовски: Овде се одржувале бројни настани, сме биле домаќини на председатели и многу видни личности од целиот свет. Како еден од поинтересните настани, се сеќавам, кога побараа да се напијат пијалок на средината на езерото. Им го овозможивме токму тоа, имавме огномети на средината на езерото и повеќе вакви интересни настани.
OhridPress: Кои се омилените места на ривиерата кои гостите најчесто ги посетуваат? Има ли некои посебни барања годиниве наназад кои ви оставиле посебен впечаток, кои ве „измачиле“ додека се исполнат, но на крај финалниот настан бил на задоволство на сите?
Наумовски: Нашите гости најчесто сакаат да ги посетат Заливот на коските, Св. Наум, кон Струга и Радожда… Генерално немаат некои посебни побарувања, тоа се случува кога имаме VIP личности. Тогаш е поинтересно и за нас, а се надевам и за нив. Околу безбедностни проверки, услугата, хигиената на бродот, за што не сме немале никакви замерки. Кога ќе имаме некој таков настан од висок безбедносен аспект, за нас и не е лесно, но ни претставува и дополнителен стимул, дека сме успеале успешно да завршиме некоја работа.
OhridPress: Зад вас се полни 5 години. Што да очекуваме од „Армада“ во следните пет? Ќе има ли новитети во понудата?
Наумовски: Ги поминавме овие пет години, од кои две бевме во корона и војна, што ни направи проблеми, но, фала Богу „Армада“ нема да застане тука, секогаш ќе одиме со нови и атрактивни понуди. Во тек е подготовка на нова веб страна, која ќе биде дополнение на сегашната. Единствени сме во Охрид со продажба на билети за превоз на патници со брод, ќе има доста новитети, значи може да не следите по нашите фан страни, така да, со нови сили, до нови победи.
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес