Охрид, 2. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Градоначалникот на Охрид проф. д-р Јован Стојаноски денес имаше поздравно обраќање на Научната средба „Европа, секуларизмот и религиозната едукација“, која се одржа во Охрид.
– Живееме во време во кое младите на разни начини треба да се образуваат и воспитуваат на темелите на основните етички и морални вредности. Меѓу тие вредности, особено се важни толеранцијата и почитувањето на различностите на другиот. Всушност, толеранцијата е основа за оптимистички живот каде доминираат сигурноста и почитта, развивањето на идејата за мирот меѓу религиите, културите, етникумите и традициите. Враќањето на изворните етички вредности, кои патем да споменам, се дел од сите Свети книги во сите религии, овозможува развивање на способности за препознавање, прифаќање и примена на доброто однесување и развивање на хуманите односи меѓу луѓето. Научните, стручните и искуствени практики кои ќе се презентираат на овој собир, убеден сум дека се дел од општо цивилизациските определби за создавање на похуман свет и подобро разбирање меѓу луѓето, истакна градоначалникот Стојаноски.
Во работниот дел се одржаа предавања на Директорот на комисијата за односи со версите заедници и религиозни групи во Република Македонија м-р Даријан Сотировски, доц. д-р Александар Спасеновски, Универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Правен факултет „Јустинијан Први“, м-р Марија Ангеловска, Шведска експерт од областа на меѓународно право, меѓународни односи и арбитража со фокус на човековите права, родова еднаквост и етничка разновидност.
Присутните ги проследија и предавањата на проф. д-р Ѓоко Ѓорѓески, Декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје и доцент д-р Ристо Солунчев од Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Еднодневната научна средба се одржа во организација на Асоцијацијата на професори по етика во религиите „Просветление“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива