Охрид, 7. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Најмногу дожд денеска наврна во Охрид, Ѓуриште, Берово и во Демир Капија. Околу пладне во Охрид имаше развој на нестабилна облачност проследена со краткотраен пороен дожд и грмежи.
Попладне беше нестабилно во источниот дел од земјата, и тоа во Св. Николе, во околината на Велес, Струмица и Радовиш, а потоа и во Кавадарци и Демир Капија. Во доцните попладневни часови нестабилноста се префрли во западниот дел од земјата, претежно во планинските предели. Дуваше слаб до умерен ветер од северен правец. Најтопло беше во Гевгелија, каде температурата се искачи до 28 степени, а најстудено во Лазарополе и Маврово, каде беа измерени само 16 степени.
Нестабилното време со локален пороен дожд и грмежи ќе продолжи и во вечерните часови, особено во западните делови. Во текот на ноќта атмосферата ќе се стабилизира насекаде. (Крај)
извор: Макфакс фото: архива