Некој стар мудрец си одел по својот пат, ја гледал природата и уживал во светлите пролетни бои. Во еден момент забележал маж кој носел на грбот многу тежок товар. Било видливо дека нозете му се тресат од товарот.
– Зошто се осудуваш на толку напорна работа и страдање? – прашал старецот.
– Се мачам за моите деца и внуци, за тие да бидат среќни. Мојот прадедо се осуди на тежок живот и работа за добро на мојот дедо, дедото за доброто на татко ми, татко ми за мене, а јас ќе се помачам за среќата на моите деца и внуци, рекол несреќникот.
– А дали некој во вашето семејство некогаш бил среќен? – прашал мудриот соговорник.
– До сега не, но сметам дека моите деца и внуци ќе бидат среќни! – извикал мажот и го поднаместил тешкиот товар.
– За жал, неписмен човек не може да научи друг да чита, бидејќи кртот не го воспитува орелот – воздивнал стариот мудрец.
– Прво мора да научиш ти самиот да бидеш среќен, и дури тогаш ќе можеш своите деца да ги научиш да бидат среќни. Тоа ќе биде најскапоцениот подарок од тебе.