На граничниот премин Ќафасан спречен обид за криумчарење на 2 килограми марихуана
февруари 13, 2017

Струга, 13. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Царинските службеници од граничниот премин Ќафасан спречија обид за криумчарење на околу 2 килограми марихуана.

На 10-ти овој месец на влез во Република Македонија, за царинска контрола било селектирано патничко моторно возило – минибус, со албански регистарски таблички, сопственост на албанска компанија, со кое се вршел превоз на релација Тирана-Скопје. Царинските службеници извршиле преглед на возилото и на личниот багаж на патниците, при што во багажниот простор пронашле најлонска кеса во која била спакувана женска јакна, сопственост на осомничената патничка М.Р. (48) од Tирана. Во просторот помеѓу поставата и самата јакна царинските службеници пронајдоа четири пакетчиња наполнети со марихуана со тежина од околу 2 килограми.

Осомничената половина час пред да тргне автобусот ја презела женската јакна на самата автобуска станица во Тирана од друго лице албански државјанин, кој во поставата од јакната ги имал ставено пакетчињата со марихуана. Осомничената требало да ја пренесе дрогата во Германија и да добие одреден паричен надомест.

Царинската управа поднесе кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство, за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги психотропни супстанции и прекурсори“. Осомничената била изведена пред судијата на претходна постапка кој и изрече мерка притвор во траење од 30 дена. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука