Охрид, 20. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од двата аеродрома во Република Македонија, во Скопје и во Охрид, во јануари годинава се превезени 151.381 патник, што претставува зголемување од 18,7 отсто споредено со јануари минатата година, соопшти денеска Министерството за транспорт и врски.
На аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, бројот на превезени патници во јануари е зголемен за 30,8 отсто во однос јануари лани. На скопскиот аеродром минатиот месец се регистрирани 145.592 патници, за 18,3 отсто повеќе споредено со јануари 2017 година, кога биле превезени 123.118 патници.
– Владата континуирано презема мерки за развој на авиосообраќајот во земјата. Во таа насока, политиките на Министерството за транспорт и врски се движат кон создавање на широка мрежа дестинации достапни за граѓаните на Република Македонија, наведуваат од Министерството за транспорт и врски. (Крај)
извор: МИА фото: архива