Оукленд, 21. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Далеку полесно од очекувањата, тимот на Голден Стејт Вориорс го одбрани домашниот терен и оствари победа од 41 поен разлика против најголемиот конкурент оваа сезона, составот на Хјустон Рокетс.
Составот на Голден Стејт Вориорс доминантно го доби домашниот натпревар против Хјустон Рокетс со резултат 125:85 и со тоа обезбеди водство од 2-1 во финалната серија.
Конечно без никаква болка ниту повреда на теренот се врати Стеф Кари, кој беше и најдобриот поединец во овој меч. Тој постигна 35 поени, од кои дури 28 беа во второто полувреме, а неговата замена Куин Кук не промаши од поле и постигна 11 поени. Дрејмонд Грин имаше уште еден натпревар за паметење откако уфрли 10 поени, фати дури 17 скока и додели 6 асистенции за соиграчите.
Во поразениот тим никој и немаше вистинска шанса да се истакне, иако мора да се забележи дека Џејмс Харден навистина пробуваше да направи нешто повеќе од сите останати играчи. Тој го заврши мечот со 20 поени и 9 асистенции, а неговиот соиграч од бековската линија, Крис Пол, имаше дабл-дабл со 13 поени и 10 скока.
Вечерва на програмата е четвртиот натпревар од финалето во Источната конференција, каде тимот на Бостон Селтикс води со 2-1 против Кливленд Кавалирс. Следниот натпревар од серијата на Западната конференција ќе се одигра во среда од 03:00 часот по полноќ. (Крај)
извор: Кајгана фото: архива