април 3, 2018

Охрид, 3. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска во Охрид оствари работна средба со неговиот албански колега, министерот за земјоделство и рурален развој Нико Пелеше.

Помеѓу другите теми, на средбата се зборувало и за прашањето околу рибарството, пред се` во насока на заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро.

Министерот Пелеше нагласи дека грижата за рибниот фонд на Охридското Езеро е одговорност на двете држави. Тој ја истакна потребата од интензивна билатерална соработка, како преку системска контрола во самото менаџирање со рибниот фонд, така и преку засилени непосредни контроли на изловот на риба, односно нејзина физичка заштита на двете страни од езерото.

Република Македонија има отворено постапка за ревизија на риболовната основа за Охридското Езеро, со цел заштита на рибниот фонд во езерото, пред се` на ендемските видови како пастрмката и белвицата.

– Со албанскиот министер разговаравме за неопходноста од засилени контроли на изловот на риба од двете страни на езерото. Тој информираше дека веќе има преземено мерки и активности со задругата што управува со рибниот фонд од албанска страна. На следната министерска средба ќе бидат разгледувани и информациите на формираните работни групи, сето како потврда на фокусираноста на Министерството за заштита на рибниот фонд на Охридското Езеро, рече Николовски.

Во рамки на ресорното Министерство паралелно тече постапката за распишување оглас за доделување концесија за стопанисување со рибниот фонд на Охридското Езеро, со оглед што годинава истекува договорот со сегашниот концесионер. (Крај)

извор: МИА фото: МИА

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука