Охрид, 12. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Управата за заштита на културното наследство и Центарот за истражување на предисторијата од Скопје, утре ќе одржат Отворен ден со медиумите на локалитетот Плоча Миќов Град (Залив на коските) кај Градиште во Охрид по повод отпочнувањето на нова археолошка кампања на подводни и дендрохронолошки истражувања.
На локалитетот „Плоча-Миќов Град“ (Залив на коските) кај Градиште во Охрид, кој претставува предисториска наколна населба, во текот на следниов месец ќе се реализира ново археолошко истражување кое е во рамките на меѓународен проект во соработка меѓу Центарот за истражување на предисторијата – Скопје, Универзитетот во Берн и Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Во проектот за првпат ќе бидат применето дендрохронолошко датирање на археолошки локалитет во Македонија, така што ќе се анализираат дрвените колци од населбата, а воедно ќе се изврши и нивно ГИС мапирање со цел да се одреди точната позиција. На тој начин, ќе се утврди староста на секоја градба поединечно и прецизно ќе се одреди нивниот облик. Во рамките на проектот ќе се врши фотограметриско и 3D моделирање на наодите и нивно кабинетско проучување со цел да се дефинираат социјалните, економските и симболичките процеси на заедниците што ја формирале и живееле во оваа предисториска наколна населба. Почетокот на истражувањето со свои обраќања ќе го означат д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство, д-р Алберт Хафнер, професор на Институтот за археологија при Унивезитетот во Берн и д-р Гоце Наумов, раководител на истражувањето.
На преставниците на медиумите ќе им биде презентиран планот на истражувањата, а ќе се демонстрираат и нуркачки активности на археолозите вклучени во проектот – истражувачи и студенти од Швајцарија и Македонија, информираат организаторите.
Од Управата за заштита на културното наследство додаваат дека ги поддржува иновативните и современи приоди во археолошките истражувања во Република Македонија кои можат да дадат нови одговори за нашето археолошко наследство.
– Воедно, ги поттикнуваме и поддржуваме партнерските меѓународни археолошки проекти сметајќи дека ваквата соработка не само што ќе ги зајакне научните врски, туку и ќе придонесе за популаризација на нашето археолошко наследство во светот. Токму затоа, го вклучивме и овој настан во рамките на годишната програма на Управата за заштита на културното наследство за одбележување на Европската година на културното наследство 2018, која се спроведува под слоганот „Нашето наследство – Европска вредност“ и мотото „Кон споделена одговорност за заштита на културното наследство, информираат од Управата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива