март 25, 2018

Скопје, 25. Март 2018 (ОХРИДПРЕС) – Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Македонија лансира нова едиција на водичи кои ќе придонесат за поквалитетна промоција на туристичките потенцијали на Македонија.

Со новата едиција на водичи испечатени во 36.000 тираж, опфатени се регионите, манастирите, препознатливите производи, локалитети, објекти и настани во Македонија и отоманските споменици во Македонија. Иницијално напишани на македонски јазик и преведени на англиски, руски, бугарски, албански, српски и туриски јазик, секој од водичите нуди содржини кои се присутни и карактеристични само за Македонија.

Водичот за манастирите е изработен во џебен формат во 15.000 примероци. Во него опфатени се поважните манастири низ земјава со низа информации за локација, значење, специфики и можности за ноќевање во истите. Богат со слики, водичот за манастирите низ Македонија нуди податоци за историјата, традицијата и културата, области кои се повеќе од интересни за потенцијалните странски туристи.

Водичот за отоманските споменици во Македонија, поради фактот дека оставиле посебен белег врз физиономијата на селата и градовите во Македонија, а денес се успешно вклопени во новите урбанистички планови притоа задржувајќи ја својата религиозна и културна функција, е испечатен во тираж од 3000 примероци и преведен на четири јазици.

Vodic_regioni_img

Водичот за препознатливите производи, локалитети, објекти и настани во Македонија е сиже на содржините на земјава за туристите кои сакаат да ги искусат различностите што земјава ги нуди. Истиот нуди богати и прецизни информации сумирани сумирани во џебен формат којшто е лесен за манипулација и неопходен како потсетник за посакуваните дестинации, храна и настани. Неговата содржина е испишана на 180 страни со едноставен наратив кој е поткрепен со уникатни фотографии и конкретни полезни информации. Секој регион во Македонија има различна приказна, специфична и уникатна понуда. Тргнувајќи од автентичноста на регионите, АППТ издаде и водич низ регионите на Македонија кој нуди конкретни информации за секој од 8-те региони низ земјава.

Истиот изобилува со богати описи на природните убавини, културно-историските споменици, инфраструктурата и објектите за сместување. Со тираж од 5000 примероци, овој водич нуди и конкретни тури доколку сакате да запознаете некој регион со целата негова содржина.

Едицијата на водичите издадена од Агенцијата претставува начин дополнително да се овозможи на тур-операторите и туристичките агенции да креираат нови туристички производи. (Крај)

извор: Агенција за промоција на туризмот фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука