Охрид, 5. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – По „While My Guitar Gently Weeps“ и антологиската „Чукни во дрво“, обработката на „Gipsy Song“ е третиот сингл од новиот албум „London sessions“ на Влатко Стефановски Трио, снимен во Студио 3 на легендарното Abbey Road Studio во Лондон.
„Gipsy Song“, со музика и текст на гитарскиот виртуоз Влатко Стефановски, за првпат е објавена во далечната 1997 година, како дел од музиката од филмот „Gipsy Magic“. Во текот на 1996 година Стефановски интензивно работеше на музиката за филмот кој е во режија на Столе Попов. „Gipsy Song“ за кратко време стана голем хит на Балканот, а по четири години, таа била ставена на компилацијата „Џипси караван“ на продуцентската куќа „Путумајо рекордс“, со најубавите цигански песни од целиот свет.
И оваа песна е дел од новиот материјал снимен во легендарното Abbey Road Studio во Лондон. Некои од најважните и највозбудливите уметници во светот создавале и снимале во ова познато студио. Од Pink Floyd, The Beatles, Fela Kuti, Lady Gaga и Amy Winehouse до Frank Ocean, Brunо Mars, James Blake, Florence + The Machine, Nile Rodgers, Dua Lipa, Liam Gallagher и многу други. На оваа престижна листа се приклучи и нашиот Влатко Стефановски. На новиот албум негови се секако гитарите и вокалните делови, на тапани е еден од најперспективните млади тапанари во регионот, неговиот син Јан Стефановски, а на електричниот контрабас извонредно свиреше Тихомир Хојсак.
Во годината во која Стефановски слави 50 години од својата кариера, Croatia Records организираше повеќедневно снимање на неговиот нов албум во Студио 3 на легендарното Abbey Road Studio во Лондон. Албумот, кој ќе биде објавен на стриминг сервиси, CD и винил се вика „Влатко Стефановски трио-London sessions“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива