Охрид/Струга, 31. јануари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за локална самоуправа во Владата на Република Македонија Ристо Пенов за 2023 година најавува проекти од поголемо регионално значење и поинаков приод во нивната реализација.
Како што рече денеска на годишната владина конференција „Година на нови можности”, покрај другите, ќе се реконструираат и Институтот за дијализа во Струга и Кардиолошкиот завод во Охрид.
Кон крајот на декември минатата година беше најавено дека се предвидени градежни зафати во насока на поголема енергетска ефикасност, дигитализација и набавка на современ ултразвучен ехо апарат, како главни компоненти на инвестицискиот проект „Подобрување на условите за здравствен туризам со реконструкција на ЈЗУ Специјализирана болница за лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања „Св. Стефан“ од Охрид“. Преку подобрување на инфраструктурните услови и здравствените услуги ќе се создадат подобри услови за развој на здравствениот туризам, што е дел од националната стратегија на државата.
Инвестирање во енергетска ефикасност ќе значи подобри услови за пациентите, енергетска заштеда и комоплетна искористеност на капацитетите на болницата 12 месеци во годината. Проектот чини вкупно вкупно околу 395 илјади евра, односно 23 милиони и 500 илјади денари, од кои министерството за локална самоуправа ќе издвои 185.000 евра, Швајцарската конфедерација преку Швајцарската амбасада 158 илјади евра и Општина Охрид околу 50.000 евра.
Проектот има три компоненти: градежни зафати, односно реконструкција на 1.900 м² покрив, поставување термофасада на 2.100 м² и замена на околу 50 прозорци, со цел објектот да се направи енергетски ефикасен.
Проектот е дел од грантовата шема на Министерството за локална самоуправа на Репубика Македонија и Швајцарската Агенција за развој и соработка. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес