март 30, 2017

Охрид, 30. март 2017 (ОХРИДПРЕС) – Во рамките на програмата за работа на Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата на град Охрид за 2017 година, во наредниот период ќе се одржат повеќе мото и велосипедски патроли и дефилеа.

Преку едукативен панорамски автобус ќе се спроведат образовни типизирани часови за децата во детските градинки и за учениците во основните и средните училишта.

Советот ќе организира и сообраќаен општински квиз натпревар за учениците од V и VI одделение од основните школи во Охрид а наскоро ќе започнат активностите за одржување на годинешната сообраќајно воспитна манифестација „Детски семафор“. Залагајќи се за поголема сообраќајна безбедност, Општинскиот совет, во својата годишна програма ќе ги продолжи едукативните кампањи „Како возиме на кружен“, „Вози одговорно-животот е во твои раце“, „Вози трезен стигни жив“, „Едукативен сообраќаен пункт“ и ќе покрене активности за осветлување на пешачки премини, отстранување на хаваризани возила од коловозните и другите јавни површини во градот.

Целта е унапредување на безбедноста на сообраќајот во Охрид, подигнување на јавната свест за почитување на сообраќајните правила и прописи, за внимателност во сообраќајот, подигнување на сообраќајната култура кај сите учесници посебно на ранливите категории, намалување на сообраќајните незгоди, загуба на човечки животи, телесни повреди и материјални штети но и низ идеи да се влијае за подобрување на сообраќајната инфраструктура во градот, велат од советот. Додаваат дека по бројни реакции од граѓани до Советот, ќе се изготви предлог иницијатива до локалната самоуправа за приоритет во воспоставување велосипедска патека на улиците „Питу Гули“ и „АСНОМ“ како и за обновување на постојната хоризонтална и вертикална сигнализација на „АСНОМ“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука