јануари 22, 2023

Софија, 22. јануари, 2023 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за надворешни работи во Владата на Република Македонија, Бујар Османи, заедно со својот бугарски колега, Николај Милков, денес во Софија заеднички го посетија повредениот македонски државјанин Христијан Пендиков, кој во четврток беше физички нападнат во Охрид.

Османи на лице место се информираше за повредите на Пендиков, изразувајќи притоа длабоко жалење за инцидентот, и посакувајќи му брзо опоравување и закрепнување.

Османи ја искористи посетата и да ја реафирмира осудата за инцидентот, изразувајќи уверување дека многу скоро случајот ќе биде расчистен.

– Жалам за овој инцидент. Таквиот чин не ги одразува вредностите на граѓаните на Република Македонија, на нашето мултиетничко општество и ќе се погрижиме да има нула толеранција за насилство како одговор на било кој проблем, а најмалку на меѓуетничкиот соживот што е нешто свето што го градиме последните 30 години. Државата ќе се погрижи да се создаде атмосфера на нула толеранција на насилство. Мора да го прекинеме овој циклус на провокации и насилство од двете страни и да ја наметнеме нашата позитивна агенда, истакна Османи.

Според Османи, Бугарската заедница во Македонија ќе ги има сите права, слободи и привилегии како и секоја друга заедница, нагласувајќи дека нема да се дозволи негирање на бугарската заедница во Македонија, како што нема да дозволи и негирање на македонскиот народ, и заедно Македонците, Бугарите, Албанците, Турците и другите ќе живеат подеднакво слободни.

– Секое доаѓање на политичари во Република Македонија со цел навреди кон македонскиот народ, негирање на македонскиот народ, ќе мораме сериозно да го адресираме и тоа во иднина ќе биде последно доаѓање во Република Македонија. Тој вициозен циклус во кој сме навлезени мора да престане, додаде Османи.

За охриѓанецот кој го претепа Христијан Пендиков е одредена мерка притвор во траење од 30 дена, а за другите двајца кои присуствувале на инцидентот се’ уште се води постапка. Според Обвинителството, на 19-ти јануари во кафе бар во Охрид, осомничениот пристапил до маса на која седело едно лице, го удрил по главата, упатувајќи му ги зборовите „не ти е срам да се пишиш Бугарин“ и се оддалечил.

Полицијата вчера приведе тројца охриѓани осомничени дека физички нападнале свој сограѓанин во угостителски објект на кејот „Македонија“ во Охрид. Инцидентот го осудија претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, како и нивните бугарски колеги, Румен Радев и Галаб Донев, а Делегацијата на ЕК во Скопје, и побараа од властите да го истражат случајот.

Извори од истрагата за МИА потврдија дека против лицето Х.П. на 17-ти декември 2022 година полицијата покренела кривична пријава под сомнеж за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, според член 215 од Кривичниот законик.

– При преглед извршен во атарот на охридското село Лескоец, полициските службеници кај него пронашле и одзеле кокаин, информираа тогаш за настанот од СВР Охрид.

Пендиков, кој е секретар на бугарскиот клуб „Цар Борис III“ во Охрид, со бугарскиот владин авион пред два дена беше пренесен на лекување во Воено-медицинската академија во Софија. Вчера напладне пред зградата на Европската комисија во Софија се одржа протест за поддршка на Пендиков.

Повредениот се наоѓа интензивна нега на ВМА во Софија и утре се очекува да биде опериран. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука