септември 23, 2022

Охрид, 23. септември 2022 (ОХРИДПРЕС) – Во уникатниот амбиент на „Форт Кафе“ синоќа беше оворена изложбата на фотографии од едицијата „Мојот магичен град“ од Зоран Вељаноски- Летра, како дел од концептот „Охридски приказни“.

– Јас негувам стил, процес, што можам да го наречам свој. Моите фотографии се таму каде што најдов минимализам, есенцијализам, источна и западна филизовија, процес, водич, збор на основни правила и креативност. Фотографијата драматично ме промени мене и мојата уметност, и како резултат на тоа го промени мојот живот. Го прошетав светот, станав слободен, најдов среќа, најдов радост во сентименталноста и прифаќање на она што животот го нуди. Јас создавам фотографии како филозофите и уметниците за кои читав. Се просветлив, го најдов својот зен. Мојата уметност сега е поедноставна и тоа е се’ што ми треба, изјави Вељаноски- Летра пред присутните.

Од „Форт Кафе“ испратија благодарност до Вељаноски- Летра за неговото учество во „Охридските приказни“.

– Магична атмосфера на отворањето на изложбата на фотографии од едицијата „Мојот магичен град“ од Зоран Вељаноски- Летра и маестралниот, охридски звук на виолина Маестро Џеват Рамадановски. Ова беше комплетна охридска приказна која нашите гости имаа можност да ја слушнат, видат и доживеат, порачуваат од „Форт Кафе“.

Зоран Велјаноски- Летра е визуелен уметник на нашето време. Со своите фотографии учествува на изложби ширум светот и добива награди и признанија, во Чешка, Франција, Јапонија, Кина, Португалија, Русија, САД каде го претставува Охрид како град на уметноста, зошто Охрид сам по себе е уметност. Космополитизмот на Охрид и стекнувањето на пријатели низ светот се потврдени и преку објавувањето поштенска марка во Франција со ликот на охридскиот фотограф Зоран Велјаноски- Летра.

З’ш Охрид е градска приказна…

„Охридските приказни“ се ново дело излезено од креативната работилница на Супер радио и Be 1 Digital Marketing, кои поставуваат нови стандарди во маркетингот и презентацијата на компаниите во регионот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: Супер радио и Be 1 Digital Marketing

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука