Охрид, 1. јуни 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охрид доби нов мини зелен пазар, проект во склоп на ЈП „Градски пазар“, сместен на улицата „Сирма Војвода“, во близина на Општата болница.
Пазарчето, на кое ќе важат истите услови како кај сите останати пазари, направено е со цел да ги задоволи потребите на купувачите на овој дел од градот, рече директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска Деспотоска.
– Со оглед дека на овој дел од градот има диви пазарџии кои продаваат во несоодветни услови и зафаќаа простор кој не беше дозволен за продажба, на овој начин овозможуваме простор каде што ќе ги има сите соодветни услови за работа на пазарџиите, рече Крлеска Деспотоска.
Според градоначалникот Јован Стојаноски неопходно е регулирано продавање на земјоделски производи.
– Луѓето кои продаваа на тротоарот на улицата „Јане Сандански“, не сакаме да ги наречеме диви пазарџии, но законски гледано тоа беа. Ова е на некој начин компромисно решение тие и натаму да продолжат да си остваруваат приходи, а во исто време сето тоа да биде ставено во законска рамка, рече Стојаноски.
Тој најави деке веднаш до локацијата каде е сместен пазарот на мало, се планира уредување на простор на којшто ќе бидат сместени камионџиите кои продаваат на големо. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес