Охрид, 10. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од проектот „Регион Охридско Езеро безбедна дестинација за авантуристички туризам“, денес во Охрид беше свечено отворен Центарот за спасување на планина.
Станува збор за дел од активностите на пограничниот, целодневен настан, кој под слоганот „Градење заедничка иднина – Creating a common future“ го организираат девет проекти имплементирани од страна на 30 граѓански организации. на едно место беа обединети над 150 учесници од најразлични профили професионалци од сферата на туризмот, претставници на невладиниот сектор, локалната самоуправа, бизнис секторот, (активни во туризмот, агротуризмот и угостителството и стопанските комори), како и од медиумите.
Не е целта само да привлекуваме туристи, треба да водиме сметка и за нивната заштита, истакна министерот за локална самоуправа Горан Милевски.
– За поздравување е што една од компомнентите на овој проект се отовора денеска тука, за оние кои идат тука за плаинарски туризам, ќе се обучуваат луѓе кои ќе може да помогнат на сите оние кои ќе сакаат да го посетат Охрид алтернативно. Втoрата компонента е отворање на Центар за заштита на вода во Поградец, напомена Милевски.
Самуел Жбогар, Амбасадор на Делегацијата на Европската Унија во Македонија пред присутните истакна дека поширокиот регион на Охрид има голем потенцијал за развој на алтернативниот туризам, кој сам по себе носи и големи одговорности.
– Проектите за прекугранична соработка треба да служат на интересите на двете земји и овој проект е модел проект во смисол што тука отовораме центар за планинско спасување кој нема да биде само за овој регион туку ќе им служи и на луѓето од албанскиот дел од Охридскиот регион, а во Албанија се отвора Спасителен центар на вода кој ќе го користат луѓето од македонската страна, истакна Жбогар.
Според Луиџи Сорека, Амбасадор на Делегацијата на ЕУ во Албанија, овој Центар е надополнет со Центарот за спасување на вода кој е од другата страна на езерото, што е доказ како двете страни може соработката да ја реализираат на практично ниво.
Првиот човек на Охрид, градоначалникот д-р Константин Георгиески напомена дека е огромно значењето на Центарот во овозможување на квалитетна туристичка понуда во делот на алтернативниот туризам, особено во поглед на безбедноста.
– Тимот на Општинската организација на Црвениот крст од Охрид да продолжи со овој проект во насока на имплементација и на зимска спасителна служба, која исто така е многу потребна во овој регион, додаде Георгиески.
Главен фокус на настанот е идентификување на можностите за развој на туризмот, унапредување на соработката во прекуграничната област меѓу Македонија и Албанија, како и промовирање на резултатите на проектите кои се дел од Програмата за прекугранична соработка на Европската Унија. Предвидена е регионална конференција со наслов „Развој на туризмот во прекуграничната област“, на која заеднички предзнак ќе биде прекуграничната соработка во поттикот на локалната и регионална економија, развојот на одржлив туризам, важноста на иновациите во обезбедувањето регенериран и поквалитетен еко-систем, можности за нови вработувања.
Присутните ќе имаат можност да бидат дел и од атрактивен Саем кој ќе има за цел да ја илустрира синергијата на досегашната регионална соработка, (во рамки на 9-те проекти, дел од Програмата за прекуграничен развој помеѓу Македонија и Република Албанија). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива