Охрид, 6. февруари 2018 (ОХРИДПРЕС) – ОУ „Григор Прличев“ со повеќе активности го одбележува својот патронен празник.
Претпладнево беше положено цвеќе на бистата на Прличев, а во кабинетот по техничко образование се одржа Прличевата визита.
Директорката на училиштето, Офелија Петреска рече дека на овој начин ќе му оддадат почит на ловороносецот за делата што ги остави зад себе.
– Тој е нашата ѕвезда што не води по патот на врвното образование, ги следиме неговите дела, постигнуваме успеси, се закитуваме со ловорики. Оваа прослава ќе биде пред се на учениците. Сакаме да се осврнеме на успесите на училиштето, кое на сите полиња постигнува врвни резултати на државни натпревари, тоа е трудот на нашите наставници и нашите деца, поддржани од родителите и локалната заедница, истакна Петреска.
Вечерва од 18:30 часот во малата сала при Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена ликовна изложба и ќе бидат доделени награди на учениците, а половина час подоцна, од 19:00 часот е свечената приредба, подготвена од страна на учениците и наставниците. На свеченоста ќе присуствуваат бројни гости меѓу кои и од збратимени училишта од Крушевац, Србија и Марибор, Словенија.
Како продолжение на активностите за одбележување на патрониот празник, во петок, 9-ти февруари училиштето организира мрежен настан, на кој ќе учествуваат и уште четири училишта од Македонија, во рамки на проектот Со читање до лидерство поддржан од УСАИД и фондацијата „Чекор по чекор“. Во настанот ќе бидат вклучени 40 деца, а истиот ќе претставува одлична можност наставниците да споделат добри пракси и меѓусебно да соработуваат. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес