Охрид, 26. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охридските угостители се незадоволни од предлог одлуката на Советот на Општина Охрид во врска со новите тарифи за поставување урбана опрема и начинот на нивно спроведување.
– Висината на надоместокот за користење простор за поставување маси и столици е номинално покачен, што разбирливо предизвикува револт кај угостителите како корисници на услугата. Исто така, останува нејасно зошто е наведена „почетна” цена, нешто кое индицира дека за истата може да се лицитира. Во член 4 се вели: „…договорите ќе се склучуваат еднаш годишно…”. Ова може да се протолкува единствено дека секој угостителски субјект однапред треба да знае и да процени до кога и како ќе работи, па согласно таа проекција да поднесе барање за поставување урбана опрема, бидејќи ќе нема можност за продолжување на договорот. А тука доаѓаме и до еден многу битен факт, а тоа е начинот на плаќање. Досега во неколку наврати сме ургирале до претходните состави на Советот дека авансното плаќање за стекнување со дозвола за поставување урбана опрема не е поткрепено со некаква законска регулатива, туку се спроведува како натурена практика. На нашите писмени барања се одговарало (само усно!) дека, наводно, не постои финансиски инструмент за регулирање на плаќањето на месечна основа, на рати и слично, а што за нас како угостители би претставувало големо олеснение, реагираат од здружението „Охридски еснаф“.
Во дописот до Општина Охрид стои и дека за угостителите дополнителна компликација во одлучувањето за колкав период да го земат во закуп просторот пред објектот е и фактот што не е извесен исходот на нивниот предлог за измена на Законот за пушење, кој во моментов е во собраниска процедура.
– Причина за закупување на простор во зимскиот период не е обемот на работа, туку можноста барем во еден засебен дел да биде дозволено пушењето. Од ова произлегува дека закупот би бил бесмислен доколку не се измени цитираниот Закон.
И на крај, во оваа Предлог-одлука не е наведена висината и начинот на пресметување на комуналната такса, која исто така била дискутабилна досега, бидејќи законски гледано, тоа е издаток кој се пресметува на дневна основа, стои во дописот на „Охридски Еснаф“.
Од Здружението бараат преку работен состанок или јавна трибина со нивните членови да се дојде до решение кое ќе се имплементира во пракса на подолг рок, и тоа на задоволство на сите засегнати страни, вклучувајќи ја и Општината. За таа цел тие излегоа со барање да се стопира оваа предлог одлука пред закажаната седница на Советот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива