Охридски математичари викендов се дел од предизвикот на UltiMATH, 37 од охридската гимназија „Св. Климент Охридски“
ноември 30, 2024

Скопје/Охрид, 30. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Околу 2.500 средношколци привлече најголемиот натпревар по математика во Македонија UltiMATH. Од нив, 350 ја поминаа online квалификациската рунда и се пласираа за учество во големите финалиња што ќе се одржат денеска и утре во халата за настани на Ист гејт мол во Скопје.

Најмногу математичари има во Скопје, и според учество и според квалификувани кандидати, по што следат Битола и Охрид. Во квалификациската фаза учеството на жени и на мажи е речиси изедначено со 47,7% кандидатки наспроти 52,3% кандидати, но во квалификуваните за финалето на UltiMATH доминираат мажите со 61% наспроти жените со 39%.

Најмногу квалификувани учесници има од гимназиите „Орце Николов“ од Скопје 41 и „Јосип Броз Тито од Битола“ 37, по што следува охридската „Св. Климент Охридски“ исто со 37 учесници, „Јахја Кемал“ со 36 и со по 32 учесници гимназијата од Скопје „Никола Карев“ и ДСУ Математичко-информатичка гимназија.

Од анализата на резултатите, највпечатлив е податокот дека квалификацискиот тест еден од учесниците го решил за неверојатни 4 минути и 44 секунди, додека просечно време за сите учесници е 19 минути и 7 секунди. Од квалификуваните учесници, 30,6% се ученици во четврта година, 24,8% во трета, 24,2% во втора година и 20,5 % од прва година средно училиште. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука