Охрид, 1. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на изминатата ноќ како и во раните утрински часови во поширокиот регион на Охрид имавме врнежи од дожд.
Охридското Езеро денес е на 26 сантиметри над дозволениот максимум. Под налетите на силниот југозападен ветер и високото ниво на Охридското Езеро забележани се локални излевања долж неговото крајбрежје, пред се` поради високите бранови.
Во текот на денешниот ден можно е благо зголемување на водостоите на дел од водотеците низ земјава, но тоа не се очекува да биде значително и со оглед на фактот дека интензитетот на врнежите полека стивнува и се очекува и нивно целосно престанување во текот на денот нема опасност од евентуални излевања на реките. И понатаму се очекува да продолжи високиот водостој, а поради најавениот ветер и во текот на денешниот ден се очекува појава на бранови на Охридското Езеро.
Како и при последното невре,е. утрово се повторно регистрирани оштетувања на објекти на првиот појас до езерото, за што се очекува да биде направен детален извештај, кој ќе биде презентиран пред јавноста. Вработените во ЈП „Охридски комуналец“’ уште рано утрово започнаа со санирање на последиците и отстранување на се` она што езерото го исфрли ноќеска.
Според метеоролозите, денес не очекува променливо облачно време, претпладне со интензивни врнежи од дожд кои на места ќе бидат поројни. Попладне со повремен локален дожд и со засилен западен ветер. На повисоките планини ќе има врнежи од снег. Максималната температура во Охрид до 10. степени.
– На почетокот на наредната работна недела ќе има стабилизирање на времето и пораст на дневната температура, информираат од УХМР. (Крај)
извор: ОхридПрес/Метео фото: ОхридПрес