Охрид, 6. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Македонските туристички потенцијали денес и утре ќе бидат претставени на „Mediterranean tourism fair Tirana 2018“, а за првпат ќе учествуваат и општините Охрид и Струга.
Македонскиот штанд е на 40 метри квадратни со репрезентативен изглед кој ги доловува туристичките карактеристики на нашата земја, а ќе учествуваат шест коизложувачи, хотелиери и угостители.
Саемот е од затворен карактер, само за бизнис средби меѓу приватниот сектор, а учеството на македонската делегација го организира Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
За саемот во Тирана изработен е флаер на албански јазик во кој се промовираат дестинациите Скопје, Битола, Охрид, Струга и ски центрите низ Македонија. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива