Охрид, 19. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Охрид е подготвен за достојно одбележување на празникот Богојавление – Водици, односно за најмасовната ваква црковно – народна манифестација.
По утринските богослужби и литургијата, во 09:45 часот тргнува литијата од сите парохиски цркви и се упатува кон градското пристаниште. Во 10:00 часот ќе биде извршен големиот водосвет, односно положување на чесниот крст во водите на Охридското Езеро. Оваа година се пријавени над 350 капачи.
Во духот на христијанската вера и обичаи среќниот фаќач на крстот ќе биде даруван од градоначалникот Јован Стојаноски со икона, а МПЦ-ОА ќе му подари златно ланче со крст.
Охридскиот Црвен крст со повеќе тимови во вода и на копно, ќе се грижи за безбедноста на капачите, но и за сите посетители на настанот. Апелират да не се влегува во вода доколку имате било каков здравствен проблем или чувство на слабост. Доколку се влегува во езерските води, задржувањето да не е подолго од пет минути, да се стават обувки на нозете и никако да не се консумира алкохол пред влегување во вода, предупредуваат од Црвен крст.
Со цел безбедно и непречено одвивање на манифестациите СВР Охрид ги презеде сите неопходни безбедносни мерки на превентивен и оперативен план. До завршување на предвидените активности, за сообраќај ќе биде затворен булеварот „Македонски просветители“ од пресекот со улицата „Партизанска“ кон кеј „Македонија“ и сообраќајот на булеварот „Македонски просветители“ целосно ќе се пренасочи кон улиците „Партизанска“, „Даме Груев“ и „7-ми ноември“.
За сите заинтересирани ширум светот кои сакаат да го проследат овој голем настан, охридската локална самоуправа обезбеди пренос во живо на интернет. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива