мај 26, 2018

Охрид, 26. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Се е подготвено за централната свеченост што утре и задутре ќе се одржува во Охрид, а по повод одбележување на значајниот јубилеј еден милениум од основањето на древната Охридска архиепископија.

Агендата на предвидени настани за утрешниот ден е следна: најпрво од 17:00 часот ќе се одржи Молебен во манастирот „Св.Климент и Св.Пантелејмон“ на  Плаошник.

Од 18:30 часот во катедралната црква „Св.Софија“ ќе се одржи свечена академија по повод јубилејот, под покровителство на претседателот на државата. Пригодни обраќања ќе имаат Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г.Тимотеј, Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов и претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев.

На централната свеченост со пригоден концерт ќе се приклучи и Македонската филхармонија. Ќе настапи камерниот оркестар во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и Св. Јован Бигорски, а ќе учествуваат и други црковни хорови и реномирани
црковни солисти. Диригент ќе биде Борјан Цанев, а ќе се изведат композиции со тематика од македонските тропари.

Во понеделник од 09:00 часот во црквата „Св.Софија“ е предвидено литургиско чествување, кое ќе биде соборно и со кое ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ-ОА, во сослужение на сите членови на Светиот архиерејски синод.

Активностите во рамки на програмата за одбележување на еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација која го обединувала нашиот народ, се распоредени во периодот од мај до декември. Предвидени се настани од различен карактер, научни и академски собири, издавање на значајни публикации, спортски културни, образовни и уметнички активности. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука