октомври 5, 2022

Охрид, 5. октомври 2022 (ОХРИДПРЕС) – Песната „ОхРид“ е прв сингл од македонската верзија на албумот „Рани“ на Охриѓанецот Климе Ковачески.

Музиката е на Климе Ковачески и Тања Царовска, која го позајми и вокалот, а текстот е заедничко дело на Ковачески и Наташа Герет. Продуцентна песната и задолжен за Мастеринг е Тијан Јазаџиевски. Специјални гости се Joylin, виолина, Jasmin Mišić, synth, Nicola D’Adamo, тапани, Олександр Глошкін, bass и Ilia Mazia, дудук.

– Драги мои, со радост Ви ја споделувам „ОхРид“, прв сингл од македонската верзија на албумот „Рани“ на Климе Ковачески, на кој го имам задоволството да соработувам и испеам. За Охрид, кој е и многу повеќе од она што знаеме за него, напиша пејачката Тања Царовска за „ОхРид“.

Климе Ковачески своевремено беше гитарист во култната група „Анастасија“, а во последно време е ангажиран околу „Трага бенд“, со кој создава македонска музика. Станува збор за проект на интернационални музичари и уметници кои создаваат и творат со единствена цел – промоција на врвни уметнички вредности.

– Користиме автентична и авторска ликовна уметност за визуелно обликување на нашата музика. Сите песни се достапни бесплатно за симнување на TragaBand.com. На песните свират музичари во живо, од различни земји и континенти. Текстовите се пре-пеани на англиски, а не само едноставно преведени. Песни на групата Трага доаѓаат во три верзии: македонска, интернационална и инструментална. На соработниците им е дадена слобода да свират како што ја доживуваат секоја песна, и да го потенцираат својот талент без претходни инструкции и ограничувања, освен да креираат во духот на песните од албумот „Рани“, велат од „Трага бенд“.

Покрај музиката, забележителен е и неговиот голем успех во светот на кулинарството, со оглед на тоа дека Ковачески, заедно со сопругата Анита се сопственици на еден од најпочитуваните ресторани во Мајами, „Crust“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука