Охрид, 12. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – „Ако не си ја знаеш родата, не знаеш кој си“, ова било мислата водилка на авторот Славе Трајаноски пишувајќи ја книгата „Мојот родослов“ што беше промовирана денеска.
Ова е значаен документ за семејното стебло Трајановци, со кој авторот направил една корисна сторијаза својот род, навлегувајќи длабоко во корените на неговото потекло, па се до денешни дни.
Книгата започнува со голготата која ги снашла и родоначалниците на родот Трајановци во родното село П’пли, на брегот на Малото Преспанско езеро во Егејска Македонија, истакна рецензентот на книгата м-р Димитар Смилески.
– Предците на Славе Трајаноски својата утеха ја побарале во манастирот Св. Наум. Тие како манастирски прислужници на манастирскиот имот духовно се напојувани со својот однос кон блиските и кон луѓето со кои соработувале и ги пренесувале тие морални вредности на своите потомци, подвлече Смилески.
Авторот на книгата, Славе Трајаноски рече дека ова е патоказ за помладите најпрво да се запознаат, да се зближат и да го продолжат она што тој го започна.
– Најголема благодарност на мојот покоен братучед Живко Сотироски кој ми ги кажа податоците за моите прабаба и прадедо па како понатаму одела мојата лоза. Секако тука благодарност и до соселаните кои живееле во населбата Колиби, над манастирот Св.Атанасиј заедно со нашите предци, со чија помош успеав да го склопам мозаикот. Би му препорачал на секој да напише неколку белешки за семејството, за фамилијата, да ја почувствува блискоста на својот род, бидејќи само така ќе се осознаеме себе, а ќе оставиме и аманет на идните генерации да продолжат по нашите стапки, истакна Трајаноски.
Инаку оваа книга е литературно првенче на Трајаноски, напишана со единствена цел преку запознавање на својот род да се запознае себе си. Книгата за читателите ќе биде достапна за изнајмување во охридската библиотека.
Славе Трајаноски е роден на 12-ти март 1948 година во Охрид, во работничко семејство. Основно училиште завршува во ОУ „Григор Прличев“, а средно во Гимназијата „Св. Климент Охридски“ во Охрид во 1967 година. Студира на Педагошката академија во Скопје, а работниот век го поминува во Собранието на општина Охрид, како припадник на штабот за територијална одбрана. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес