Петар Поповски, професор на Универзитетот во Олборг, Данска: Со работа и аплицирање за грантови, за 12 години изградив катедра со над 30 истражувачи
ноември 4, 2024

Охрид, 4. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Проф. д-р Петар Поповски е роден во Охрид, дипломирал на Електротехничкиот факултет при УКИМ во Скопје како првенец на генерацијата, каде што потоа магистрирал, а докторирал на Универзитетот во Олборг, Данска, каде што и денес е професор. Неговата катедра има 30-ина истражувачи кои развиваат напредни безжични комуникациски системи.

Тој е истражувач и научник од Македонија, кој дваесетина години работи и истражува на Универзитетот во Олборг, Данска, бил дел од експертски тимови кои работат на 5G, 6G и другите идни безжични комуникациски системи, ќе раководи и со новиот истражувачки центар на Универзитетот во Олборг. Овој центар ќе почне со работа во февруари 2025 година, а ќе се занимава со развој на комуникациски системи кои ќе ги поддржат идните квантни компјутери и квантен интернет. Во голема конкуренција од 160 апликанти тој успеа да добие грант наменет за центри за извонредност што го доделува Данската национална фондација за истражување. Ваквиот грант за отворање научни центри се смета за најважен вид парична поддршка што истражувач во Данска може да ја добие. Тоа е прв центар што воопшто бил доделен на факултет и прв на целиот универзитет во Олборг од областа на инженерските науки. Центарот ќе работи на напредни технологии кои би се користеле по 2035 година.

– Од 160 апликанти селектираа 13 центри што ќе бидат финансирани, меѓу кои и центарот каде што јас ќе бидам директор. Јас ја формулирав идејата и собрав тим, а другото беше еден процес со силна конкуренција низ кој успеавме да добиеме 60 милиони круни (околу 8 милиони евра). Темата на која ќе работи центарот се комуникациски системи кои ќе ги поддржат идните квантни компјутери и квантен интернет. Актуелни тема на истражување во комуникациски технологии се 6G, која ќе треба да го замени 5G по 2030 година, сателитски комуникации и слично. Темата што нашиот центар ја предлага се однесува на технологии кои потенцијално би почнале пошироко да се користат по 2035 година или уште подоцна, вели Поповски за порталот fakulteti.mk.

Во центарот се вклучени четири институти: за електронски системи (каде што припаѓа Поповски), математички науки, физика и информатика. Тимот го сочинуваат директор, четворица кодиректори од секој институт и десетина други истражувачи кои придонесоа кон апликацијата.

– Најголемиот дел од нив се од постојната истражувачка група, што во наши поими може да се гледа како катедра на која сум шеф и која брои околу 30 истражувачи од сите нивоа: докторанди, постдокторанди, доценти, вонредни професори и професори. Моја прва задача ќе биде да создадам процес за соработка помеѓу четирите институти, во кој ќе им дадеме предност на одредени идеи и ќе направам простор за балансирање помеѓу зададени теми наспроти независно истражување и идеи од вработените во центарот, додава Поповски.

Комплетната информација ОВДЕ. (Крај)

извор: fakulteti.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука