Охрид, 9. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на вчерашниот ден, Планинската спасителна служба (ПСС) добила повик од група ловци чие ловечко куче се изгубило претходниот ден.
– Со помош на околувратникот со вграден GPS локатор, го лоцирале кучето на едно хоризонтално зарамнување од ископот на каменоломот во селото Речица, 100-тина метри од подножјето и околу 50-тина метри од горниот раб на ископот. Поради сериозната експонираност на теренот, ловците побараа помош од ПСС, по што еден тим од двајца спасувачи веднаш излезе на терен. Дополнителен проблем претставуваше тоа што кучето единствено соработува со неговиот сопственик, поради што бевме принудени во операцијата покрај припадникот на ПСС, да го обезбедиме и спуштиме до кучето и самиот сопственик. По неколку часа, кучето и сопственикот беа извлечени на сигурно и спуштени во подножјето на каменоломот.
Ова е уште една од многуте акции, во кои нема поврдени луѓе, но вештините на планинските спасувачи, се единствени кои можат да спречат влошување на состојбите и предизвикување на емотивен шок за луѓето, во случајов сопствениците на кучето, кои беа видно загрижени за неговата безбедност. Затоа постоиме и доброволно го правиме она што најдобро го знаеме, со цел да го намалиме страдањето на луѓето во ситуации кога истото изгледа невозможно. Задоволството е наше, особено кога сме помогнале во деликатни ситуации и притоа никој не е повреден, порачаа од службата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ПСС