Скопје, 26. јануари, 2018 (ОХРИДПРЕС) – Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го прифати барањето на Обвинителство и им ги продолжи притворите на 28 осомничени за насилствата во Собранието на Република Македонија од 27-ми април, минатата година.
Со одлуката на судот, по втор пат им е продолжена мерката притвор на поранешниот министер за внатрешни работи Митко Чавков, Богдан Илиевски, актерот Владо Јовановски, режисерот Борис Дамовски, пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Сашо Василевски, како и куќните притвори на Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски.
Судот го прифати предлогот на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција и им го укина притворот на поранешниот директор на Македонската опера и балет Игор Дурловски и на Елена Доцевска – Божиновски, службеничка во Собранието, и го замени со куќен притвор.
Кривичниот совет, исто така, на предлог на Обвинителство го укина куќниот притвор на пратеничката Жаклина Пешевска и и одреди мерки за претпазливост – забрана за напуштање на живеалиштето (градот Скопје), одземање на пасошот и забрана за приближување и воспоставување, односно одржување контакт со одредени лица. (Крај)
извор: Мета фото: архива