По големиот пожар, дивите кози повторно на Галичица
ноември 10, 2024

Охрид, 10. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Волонтерите на Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ (АК) „Патагонија“ и Планинската спасителна служба при охридскиот Црвен крст, во координација со Националниот парк „Галичица“, веќе година и половина вршат постојан видео мониторинг во делови од паркот, каде е забрането секакво присуството и активност на луѓето.

– Идејата е да се постават камери на најоддалечените и тешко пристапни терени, со цел мониторинг на ретките видови, но и на евентуалните недозволени активности на луѓето во зоните со строга заштита. Во оваа прилика сакаме да ја споделиме со јавноста убавата вест, дека и покрај сериозните последици по големиот пожар кој ја зафати Галичица во август годинава, сепак популацијата на балканска дивокоза (Rupicapra rupicapra Balcanica) е се’ уште тука и тврдокорно се држи до своето автохтоно живеалиште. Се радуваме на нејзината упорност и во иднина ќе посветиме уште поголемо внимание и мерки за нејзино зачувување, особено од несовесните луѓе, кои очигледно претставуваат поголема закана за живиот свет во однос на природните катастрофи, кои се почесто не погодуваат поради климатските промени, информираат од Алпинистичкиот клуб „Патагонија“ од Охрид.

Додаваат дека за жал денес, додека нивните волонтери ги контролирале камерите и собраниот фото и видео материјал, на просторот кој е карактеристичен за балканската дивокоза, биле забележани три лица, очигледно ловокрадци, судејќи според оружјето кое го носеле, како и од неколкуте испукани истрели од огнено оружје.

– За случајот, нашите волонтери ги известија одговорните од ренџерската служба на НП „Галичица“ и случајот го пријавија во полиција, информираат од „Патагонија“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото/видео: АК „Патагонија“

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука