Охрид, 4. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Во пресрет на најголемиот христијански празник, Воскресението Христово, денеска и утре во Охрид се одржува Велигденски изложбено-продажен базар.
Оваа манифестација се одржува по петти пат на плоштадот „Чинар“. На 15-на тезги своите дела ги изложуваат дечињата од основните училишта, како и приватни фирми и занаетчии. Застапени се рачно изработени кожни и плетени производи, но и торти, колачи, козињак и традиционалните ѓомлезе и питулици, кои се продаваат по симболични цени.
– Првенствено оваа манифестација е од хуманитарен карактер, во согласност со духот на големиот празник Велигден кој ни претстои, рече директорката на ЈП „Градски пазар“, Кристина Крлеска Деспотоска.
– Исто така оваа манифестација има и забавен карактер. Со свои точки се претставуваат децата од општинските училишта, градинката, како и од „Распеано рибарче“. Базарот има и промотивен карактер, на кој охридските занаетчии и фирми имаат можност да си ги претстават своите рачни изработки, како и традиционалните специјалитети кои се дел од нашиот регион, потенцира Крлеска Деспотоска.
Со свој штанд се претстави и Факултетот за туризам и угостителство.
– Многу ни е драго што сме дел од оваа манифестација, специјалитетите ги приготвија студентите од ФТУ. Сакаме почесто да има вакви настани, задоволни сме од продажбата, многу ни е мило што тоа оди во хуманитарни цели, вели Асмира Демироска, студент на ФТУ. Базарот е во организација на Општина Охрид, во соработка со ЈП „ Градски пазар“. Од локалната најавија дека за време на Велигденските празници секој ден ќе има по некоја манифестација. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес