мај 3, 2018

Охрид, 3. мај 2018 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од проектот „Сино-зелено наспроти црно-сиво“, годинава по петти пат во регионот ќе се одбележи „Денот на реката Дрим“.

Овој проект го опфаќа басенот на реката Дрим вклучувајќи ги двете Преспански Езера, Охридското Езеро, а со тоа и земјите:  Грција, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора. Централниот настан во Република Македонија годинава ќе се одржи на 4-ти мај, петок од 11:00 часот во ОУ „Христо Узунов“ во Охрид. Во сабота, на 5-ти мај проектот ќе биде презентиран и во Поградец, Албанија. Убавините, како и „критичните“ точки на регионот на Охридското Езеро се претставени на изложбата и на мини каталогот – албум, создаден од локалните НВО од Охрид и Поградец. Оваа публикација е подготвена за прославата на Денот на Дрим 2018, со ученици на возраст од основно и средно образование во регионот. Од учесниците се бараше да ги споделат своите искуства од прекрасниот регион. Од преку 500 фотографии собрани на двете страни беа избрани победнички 60 за да бидат дел од заедничката изложба (30 од македонска и 30 од албанска страна), за да се истакнат не само богатото природно и културно наследство, туку и предизвиците за заштита на овој регион, информираат организаторите.

Претходно, во текот на април беше направен избор на локации на кои потоа беше опфатено убавото и за жал, од човекот нападнато и грдо лице на околинта на Поградец и селото Трпејца кои се во еден заеднички под басен на Охридското Езеро односно реката Дрим. Од двете страни следеа мини обуки за фотографирање на младите, а беше следена и нивната активност на терен.

Изложбата ќе може да се види во петок и сабота во Охрид, а подоцна уште во неколку наврати ќе биде поставена во Поградец, Трпејца, Охрид и Струга. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука