јули 6, 2018

Охрид, 6. јули 2018 (ОХРИДПРЕС) – Претставници на Царинската управа на Република Македонија, предводени од директорот Ѓоко Танасоски, денес на царинска испостава „Ќафасан“, одржаа состанок со претставници на Царинската управа на Република Албанија, предводени од директорката Белинда Икономи.

Целта на состанокот беше запознавање на царинските службеници од Република Албанија со работењето на EXIM – електронски систем кој го користат 16 институции кои имаат надлежности во областа на надворешно-трговското работење и претставува едношалтерскиот систем за дозволи за увоз, извоз и транзит на стоки и тарифни квоти.

EXIM системот овозможува електронско поднесување на барањата за дозволи за увоз, извоз и транзит од страна на деловната заедница, како и електронско издавање на дозволите од страна на надлежните институции, а Царинската управа на Република Македонија го воведе во 2008 година.

За време на состанокот, претставниците на Царинската управа на Република Албанија имаа можност да направат увид во градежните работи за изградба на нов терминал на преминот „Ќафасан“, што се планира во иднина да се користи од двете царински служби. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука