април 13, 2018

Охрид, 13. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Организаторите го претставија официјалното лого за Меѓународниот меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“, кој ќе се одржи на 28-ми април во Охрид.

Организатор на првиот меморијален митинг во чест на професорот и тренер Димитров е АК „Охрид“, заедно со Атлетската федерација на Република Македонија.

– Влатко Димитров остави неизбришливи траги во историјата на македонската атлетика и како тренер на атлетски клуб „Охрид” и како долгогодишен селектор на Атлетската репрезентација на Република Македонија. Затоа сметаме дека на овој начин барем малку ќе му се оддолжиме за постигнатото за атлетиката во Охрид и Македонија. Идејата за организација на ваков митинг е уште од минатата година, а сега веќе и официјално е во календарот на натпревари на АФМ. Планираме во иднина истиот да биде традиционален и да се одржува во последната сабота од април, истакна претседателот на АК „Охрид“, Пецо Неданов.

atleticariohrid1Учесниците ќе се натпреваруваат во неколку дисциплини:
Мажи: 100 м; 400 м; 1.500 м; 3.000 м стиплчес, копје и диск; скок во височина;
Жени: 100 м; 400 м; 1.500 м; 3.000 м стиплчес, ѓуле и диск; скок во височина;

Како меморијална дисциплина на овој митинг ќе биде и скок во далечина во машка и женска конкуренција, дисциплина во која Димитров имаше најмногу успеси во својата долгогодишна кариера.

Меѓународниот меморијален атлетски митинг „Влатко Димитров“ ќе се одржи на Спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“ со почеток во 13:00 часот. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука