Премиерно прикажан видео омажот за Живко Чинго – „Мајстор Чинго“
февруари 21, 2017

Скопје/Охрид, 21. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Премиерата на видео-омажот за охридскиот романсиер и драмски писател Живко Чинго, насловен „Мајстор Чинго“ се одржа синоќа во Кинотеката на Македонија.

Проектот е реализиран по повод 80-годишнината од раѓањето на Чинго. Видео омажот кој е режиран од Љубиша Георгиевски, претставува сеќавање на најдраматичните моменти од кусиот и творечки исполнет живот на Живко Чинго (1935-1987).

Станува збор за документарен запис посветен на наследството кое големиот Чинго го остави на македонската култура и ги содржи сите важни биографски, библиографски и филмографски податоци и настани повзани со неговиот животен и творечки пат.

Живко Чинго е автор на сценаријата за неколку играни и документарни филмови како „Жед“ во режија на Димитрија Османли, „Поле“ и „Пчеларник“. Делата на Чинго се инспирација и за сценаријата на играните филмови „Татко – колнати сме Ирина“ во режија на Коле Ангеловски, „Големата вода“ во режија на Иво Трајков, како и ТВ проектот „Заминувањето од Псквелија“.

Сценариото за видео-омажот е на Сашо Миленковски избрано на конкурс, а продуцент е Петар Џуровски. Филмот наскоро ќе биде прикажан на МТВ и на другите национални телевизии. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука