Охрид, 5. февруари 2023 (ОХРИДПРЕС) – Денеска ќе се одржи традиционалната манифестација „Прличеви беседи“, со која се одбележува годишнината од смртта на Григор Прличев, а истовремено се чествува ликот и делото на најпознатиот охридски поет и преродбеник.
Манифестацијата е во организација на Центарот за култура „Григор Прличев“, а ќе биде отворена во изложбениот салон во 11:45 часот со изложба на ликовни дела од колекцијата на установата.
Точно напладне во малата сала започнува свеченоста посветена на лауреатот на наградата. Ќе настапи градскиот мешан хор „Вокс Лихнидос“ со изведба на традиционалната песна „1762 лето“.
Свои обраќања ќе имаат претставници на Центарот за култура и Општина Охрид, по што ќе биде претставена наградената поема „Коњски житија“ од Зоран Анчески, а ќе има и артистичка изведба на истата. На годинашниот лауреат Зоран Анчески ќе му биде врачена Повелбата за најдобра поема за 2022 година. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива