Охрид, 21. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Вкупно 32 часа ќе трае програмерскиот маратон Codefest на кој викендов во Охрид ќе учествуваат стотина студенти по информатика и млади програмери.
Codefest Tech Festival традиционално се одржува во Охрид, во организација на Стартап Зона и веќе има изградено репутација како одличен меѓународен настан кој преку тридневна програма ја промовира македонската технолошка сцена, ги поврзува професионалците и им нуди можности за професионален развој преку работилници и обуки со реномирани експерти.
Оваа година агендата вклучува целодневна конференција на која ќе учествуваат иноватори и визионери од глобалната технолошка и стартап сцена, како и работилници кои се отворени за пошироката јавност. Традиционално се планира и 32-часовниот Codefest Marathon, каде што различни тимови ќе развиваат своите идеи и проекти групирани во три категории: Junior, Student и Pro.
Покрај другото, ќе биде отворен и CFX-Business Expo, односно саем кој ќе се одржува преку целите три дена на кој ќе се претстават технолошки компании и стартапи од регионот, а ќе функционира и Codefest Community Corner, во кој ќе им биде овозможено на компаниите и стартапите да организираат свој настан во рамките на фестивалот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес